На завршен информативен настан на кој беа презентирани резулатите од проект „Еко градини во нашите детски градинки“, денеска во Кочани беше означен крајот на двегодишниот еко – проект, реализиран со финансиски поддршка на Европската Унија и Еразмус + проектот.
Преку проектот изградени се еко-градини во два објекти на Детската градинка „Павлина Велјанова“ – Кочани и градинките „Радост “ од Пазариџик Р. Бугарија и Лудберг Р. Хрватска, каде изминативе две години, дечињата одгледуваа зеленчукови и овошни насади и градеа здрави навики за исхрана.
Проектот се реализираше во соработка со проектните партнери, Детската градинка „Павлина Велјанова“, Комуналното претпријатие „Водовод“, ЗПЕР – Локална Акциона Група од Кочани и детски градинки „Радост“ од градот Пазарџик, Р. Бугарија и Лудберг Р. Хрватска.
-Целта на овој проект беше дечињата од најмала возраст да се стекнат со основни знаења за засадување и одгледување на зеленчукови и овошни насади. На денешниот настан ќе го прикажеме завршниот резултат, односно како во целиот проект, дечињата одгледуваа овошје и зеленчук со помош на нивните воспитувачки и негователки, а завршниот резултат се готовите производи кои сами ги произведоа и ги конзумираат како додаток во исхраната, истакна Едита Миткова, директорка на ДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани
Во рамки на двегодишниот проект за еко – градини реализирани се посети и заеднички работилници на проектните партнери од трите држави, Македонија, Бугарија и Хрватска.
-Како КЈП „Водовод“ ни беше огромно задоволство што овозможивме дел од екпертското знаење на вработените во „Водовод“ да биде пренесено за конкретни активности во потполност реализирани во овој проект. Како КЈП „Водовод“ кои имаме општествена одговорност за спроведување на вакви проекти, посебно во делот на екологија и искористување на обновливи извори на енергија. Имавме огромен придонес за целокупната реализација на проектот, заеднички воспоставен со Р. Бугарија и Р. Хрватска. , истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“ – Кочани.
На завршниот информативен настан присуствуваа над 40 локални претставници на заинтересирани субјекти чија дејност е поврзана со воспитно – образовниот процес, носители на локални политики и претставници на невладиниот сектор.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов