„И во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско – енергетска криза интензивно се работеше на изградбата и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Темпото и динамиката продолжуваат и понатаму. Во источниот дел на државата резултатите од работата се особено видливи. Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион“, рече премиерот Ковачевски

Делницата Крупиште – Кочани од новиот експересен пат Штип – Кочани наскоро ќе биде готова и ставена во функција. Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми извршија увид во изградбата на делницата што е во должина од 13,75 километри.
Ковачевски истакна дека градежните работи се одвиваат со задоволителна динамика за овој период од годината и дека до овој момент завршени се 96 проценти од работите.

„Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што ќе се забрза и олесни патувањето за граѓаните од овој крај, ќе се намалат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сѐ ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот. Изградбата на современа патна инфраструктура во земјата е еден од приоритетите на оваа Влада. Како и во изминатите години. И во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско – енергетска криза интензивно се работеше на изградбата и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Темпото и динамиката продолжуваат и понатаму. Во источниот дел на државата резултатите од работата се особено видливи. Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион“,рече Ковачевски.

За министерот Бочварски изградбата на експресниот пат до Кочани значи подигнување на животниот стандард на над 170 илјади жители од Источниот регион.
„Изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени заради забрзан економски развој на целата држава, во услови кога светот е во огромна економска криза. Но и во такви услови успеавме силно да ги движиме капиталните проекти и да обезбедиме континуитет”,рече Бочварски.
Според директорот на Јавно претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми експресниот пат е со висок квалитет на градба.
„Ширина на патот е 11,4 метри, ќе има четири ленти и тоа по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,2 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час. Изведувач на градежните работи е „Синохидро“ од Република Кина, а надзор е „Патинвест инженеринг“ АД Софија, Република Бугарија. Во моментот се поставува сигнализација, осветлување на клучките, еластична одбојна ограда и се асфалтираат последните 700 метри“, рече Рустеми.
