Експресниот пат Штип – Кочани ќе биде готов наесен

Втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани, односно делницата Крупиште – Кочани според најавите на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски се очекува да биде готова наесен. Со тоа би се создале услови во септември патниот правец целосно да биде пуштен во сообраќај.

Изведувачот на работите, кинеската фирма „Синохидро“ интензивно и со забрзана динамика работи на изградбата на втората фаза од експресниот пат, делницата Крупиште – Кочани. Трасата е целосно пробиена и на делови асфалтирана, а дополнително се работи на изградба надпатници, приклучни патишта и останата пропратна инфраструктура.

– Втората фаза од експресниот пат Штип-Кочани, односно Крупиште – Кочани е 75 отсто  реализиран и очекувањата се дека во септември годинава финално ќе биде изграден целиот експресен пат. Градежните работи се одвиваат со добра и планирана динамика. Граѓаните  во Источниот регион ќе добијат уште една значајна патна врска со што отвораме нови можности за овој дел од државата, истакна од Кочани, министерот Бочварски.

Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што се инвестираат 37,3 милиони евра. Делницата од Крупиште до Кочани е со должина од 13,7 километри, а нејзината изградба чини 18,2 милиони евра.

Вкупната ширина е 11,4 метри, односно ќе има четири ленти, по две коловозни и две ленти за застанување. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: