Епидемиолошката состојба во Кочани засега е стабилна, на Ковид одделението се лекуваат 12 пациенти

Бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид  во кочанската општа болница перидов варира од 10 до 15 лица кои се лекуваат на Ковид одделението во болницата, информираше директорот на болницата, Д-р Александар Серафимов, при што истакна дека моменталната епидемиолошка состојба е стабилна и не се очекува поголем наплив на пациенти.

Во моментот на Ковид одделението при Општата болница во Кочани се лекуваат 12 лица, од кои 5 се на постојана кислородна поддршка.

-Бројот на хоспитализирани пациенти варира од 10 до 15 лица кои се лекуваат на одделение. Во моментот имаме хоспитализирано 12  пациенти, од кои 5 се на кислородна поддршка и од нив само 5 пациенти имаат примено вакцина против Ковид. Возрасната граница на пациентите во просек е околу 50 години. Сите хоспитализирани пациенти се со лесна клиничка слика, истакна Д-р Александар Серафимов, директор на Општата болница со проширена дејност – Кочани.

Серафимов додаде дека во делот на вакцинацијата очигледено е намален интересот за вакцинација на граѓаните. По допис од Министерството за здравство, прекината е вакцинацијата на лица со прва доза со вакцината на производителот Астра Зенека, освен на лицата за ревакцинација.  Моментално на располагање се вакцини од производителите на Фајзер и Синовак. Ревакцинацијата на населението тече според планираната динамика.

Во моментот во Кочани активни се 126 случаи на заразени со ковид, а вчерашниот, последен извештај на Министерството за здравство, регистрирани се 2 нови случаи на заразени со ковид и 11 оздравени пациенти.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: