Етно куќата и средновековните кули заборавени од надлежните

Етно куќата и двете средновековни кули како дел од културното наследство на Кочани во кои се сместени музејски и етнолошки експонати автентични за кочанскиот регион веќе неколку години се заборавени од надлежните или од оние кои располагаат со нив.

Етно куќата која е изградена во 2012 година со европски пари неколку години стои затворена за јавноста. Според планот на тогашната локална власт, Етно куќата требаше да биде еден вид неформален Градски музеј во кој се сместени музејски и етнолошки експонати автентични за кочанскиот регион.  За нејзина изградба тогаш беа потрошени близу 250 илјади евра обезбедени од претпристапните фондови на ЕУ во партнерство со бугарската општина Рила. Денес состојбата на етно куќата однадвор е пуста, а за состојбата со експонатите во неа немаме информација бидејки истата веќе неколку години е затворена за посетители.

Запдната средновековна кула што се наоѓа на десниот брег од Кочанска Река исто така долги години е затворена за јавноста. Во неа според достапните податоци е сместена Музејската збирка при Библиотеката „Искра“.

Просториите на кулата се поделени на: визбата -служи за санитарии; приземјето служи за нумизматичката збирка; првиот кат е за археолошката збирка; и вториот кат е за роднокрајното одделение. Средновековната кула последен пат е ревитализирана во 1978 година по што кулата повторно може да биде користена. Тогаш, бил сменет покривот и бил направен и поставен нов балкон.

Денес е во владение на библиотека „Искра“, речиси воопшто не се промовира и е затворена за посетители. Кулата на источната страна на градот поодамна е во фаза на распаѓање.

Во лоша состојба се наоѓаат неколку историски споменици на борци кои се дел од историското минато на Кочани. Па така во лоша состојба и со избришани букви е споменикот на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата. Паметникот кај Атомските згради подигнат во чест на Коле Нехтенин, Споменикот на слободата за кој е најавена реконструкција и уште неколку.

Вреди да се спомене и Ловниот дом во Кочани кој е во фаза на распаѓање и руина. Објектот одамна не е во функција и е оставен во распаѓање на забот на времето.

За почеток, може да се размислува за актуелизирање на Етно куќата, каде дел од настаните по повод Денови на кочанскиот ориз, за празникот на градот – Петровден или други културни настани ќе се реализираат токму во тој објект.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: