Жителите на Бели излегоа на предупредувачки протест поради загадувањето од комуналната депонија

Жители на селото Бели рано утрово излегоа на најавениот протест пред влезот на градската депонија поради загадувањето на воздухот и смрдеата од запалената депонија од каде чадот се шири кон нивните домови.

Предупредувачкиот протест планирааат во наредните денови да го масовизираат при што најавија дека ќе го блокираат влезот за возилата на комуналното претпријатие во депонијата. Тие испратија порака до надлежните во Локалната самоуправа на Кочани и раководството на комуналното претпријатие „Водовод“ да преземат итни мерки за да се спречи горењето на отпадот.

– Натрупаниот отпад постојано гори и се шири густ чад, а состојбата со загадениот воздух за жителите на Бели е неиздржлива. Селото е на само илјада метри воздушна оддалеченост од депонијата и не можеме да отвориме прозорец. Здравјето на сите ни е загрозено, а да не ги споменувам болните и изнемоштени луѓе. Чадот стигнува дури и до градот. Бараме „Водовод“ да набави соодветна механизација, правилно да ја третира депонијата со алги и со затрупување со земја. Досега имаше многу ветувањата, а состојбата воопшто не е променета, за што доволно зборува глетката што ја има секој кој поминува по регионалниот пат кон Пониква, истакна Димче Цебов, претседател на месната заедница на Бели.

Од кочанското комунално претпријатие  жителите биле информирани дека пред неколку денови ангажирале механизација за затрупување на депонијата, а во гаснењето на запалениот отпад интервенирала и Територијалната противпожарна единица.

Третманот со раствор од морски алги, што почна да се спроведува пред неколку години и се покажа како успешен, сега не ги дал очекуваните резултати затоа што имало намерно потпалување на отпадот.

Сподели: