Жителите на селото Бели денеска излегоа на мирен предупредувачки протест пред управната зграда на КЈП „Водовод“ – Кочани за да го изразат незадоволстото од чадењето на Градската депонија која го загадува воздухот во околината.
На протестот тие побараа од надлежните во најскоро време да преземат мерки за гаснење на депонијата во спротивно се заканија дека ќе го блокираат влезот на депонијата.
Жителите на Бели се пожалија дека чадењето на депонијата им предизвикува сериозни проблеми бидејки селото постојано е покриено со густ чад. Пред извесно време жителите оствариле средба со градоначалникот и директорот на „Водовод“ од каде добиле ветување дека се работи на случајот и гаснење на депонијата. Тие се заканија дека овој предупредувачки протест ќе прерасне во 24 – часовна блокада на влезот на депонијата доколку навремено не се одговори на нивните барања.
Од КЈП „Водовод“ информираа дека имаат разбирање за реакциите на жителите од Бели и другите населени места, но огнот на депонијата бил подметнат и се преземаат активности состојбата да се стави под контрола.