Граѓаните на Кочани утринава излегоа на дваесет и четири часовни блокади на патниот правец кој води кон Градската депонија, на крстосницата кај с. Бели како знак на револт од непрестаното чадење на кочанското ѓубриште.

Од утрово граѓаните го блокираа сообраќајот само за комуналните возила кои ја полнат депонијата со отпад и истакнаа дека додека траат блокадите такви возила нема да се пропуштаат.
Нивните барања се депонијата да се порамни и третира со алги, да се огради просторот околу истата со поставување на видео надзор и стражарски служби и да се забрани депонирање на отпад од соседните општини, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци. Дел од присутните граѓани побараа итно и трајно дислоцирање на депонијата, како и дислоцирање на диво населените лица кои престојуваат на депонијата.


На блокадите утрово дојде и директорката на кочанското комунално претпријатије „Водовод“, Кристина Финдачка. Финдачка истакна дека во моментот тешка механизација работи на затрупување на депонијата, а поставена е и дваесет и четири часовна стража на вработени од КЈП „Водовод“. Во врска со трајното дислоцирање на депонијата истакана дека во моментот такво нешто е невозможно поради што се прават максимални напори за истата да се среди и не чаде.

Насобраните граѓани побараа на блокадите да ги посетат и градоначалниците од регионот чии општини депонираат отпад во кочанското ѓубриште бидејки и тие треба да дадат свој придонес во средување на состојбите.

Блокадите продолжуваат и во следниот период. Ќе се протестира во дваесет и четири часовни смени се до исполнување на нивните барања.
И. Матеничарски