Жителите на Кочани преку собирање граѓански потписи ќе побараат од надлежните да се реши проблемот со загадувањето на воздухот од фабриката „Пејпар Мил“

Граѓанската иницијатива за чист воздух во Кочани започна со собирање на граѓански потписи кои ќе бидат доставени до надлежни институции и странски амбасади како израз на барања на жителите на општината за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот од фабриката за хартија „Пејпар Мил“.

На пунктот во Градскиот трговски центар, граѓаните може да депонираат својт потпис, од денес па во наредните неколку денови. Целта на граѓанската иницијатива е да се соберат неколку илјади потписи од жителите на Кочани.

– Граѓанската иницијатива за решавање на проблемот со загадувањето на „Пејпар Мил“ започна со официјално собирање потписи преку кои би сакале да влијаеме врз институциите да ги преземат своите овластувања за проблемот да се реши во институционални рамки и да дојдеме до конечно решение. Апелираме до граѓаните да се приклучат и потпишат во помасовен број, бидејки ова е последна шанса да го спречиме загадувањето. Очекуваме да се соберат неколку илјади потписи кои ќе ги приложиме до одредени странски амбасади, истакна Александар Симеонов, од Иницијативната група на граѓани.

Од граѓанското движење за чист воздух уште еднаш повторија дека остануваат на ставот за ревидирање на А – интегрираната еколошка дозвола, промена на горивото кои го користи фабриката при работењето како и поставување на мерни станици за квалитетот на воздухот во близина на фабриката, за чие поставување Советот на Општината веќе донесе одлука. На ова се надоврзува и барањето да се инсталира пречистителна станица за отпадни води согласно добиената дозвола за работа на фабриката.

На 30 март, локалната самоуправа на Кочани на барање на Иницијативната група за чист воздух закажа граѓанска трибина во врска со „Пејпар Мил“. Од иницијативата истакнаа дека доколку не се исполнат нивните барања ќе се организира нов масовен протест, а како следен чекор е поднесување на тужба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: