Со блокирање на крстосницата кај „Вила Вонград“ во Трајаново Трло, со пароли и транспаренти, жителите на оваа кочанска населба го искажаа својот револт, поради како што велат, зголемениот број на кражби и несигурноста која владее во овој дел од градот.
Жителите реагираат дека во последено време зголемен е бројот разбојништва, разбојнички кражби и тешки кражби во населбата и дека овие кривични дела претставуваат загрозување на материјалната сопственост, животот и безбедноста на жителите на Трајаново Трло.
-Веќе извесен период во населбата трократно е зголемен бројот на кражби. Ако праксата на крадците порано беше да вршат упади во домовите во ноќните часови, во последно време зачестени се кражбите и во текот на денот. Денес сме собрани да го искажеме нашиот револт и бараме од полицијата да обезбеди поголемо присуство во населбата, да бидат поажурни во пронаоѓањето на разбојниците и расчистување на кражбите – рече Мирче Павлов, жител на населбата Трајаново Трло.
Кражбите не се единствениот проблем со кој се соочуваат жителите на Трајаново Трло. Како што велат, во населбата забележани се „дивеења“ со возила кои се без регистарски ознаки, видно технички неисправни и управувани од малолетници кои се движат со голема брзина , со што го загрозуваат животот и безбедноста на жителите. Револтираните граѓани додадоа дека проблем има и со палење на бакарни кабли и гуми, со што се загадува околината во која живеат.
За проблемите тие преку писмен допис известиле повеќе институции, меѓу кои и Општина Кочани, односно градоначалникот Николчо Илијев со кој денеска имале средба.
Градоначалникот Илијев присуствуваше на протестот во Трајаново Трло. Во изјава за медиумите истакна дека на денешната средба било разговарано за конкретните проблеми и изнаоѓање на соодветен институционален начин за нивно решавање. На средбата присуствувал и началникот на Секторот за внатрешни работи – Штип (СВР-Штип) при што било договорено да се преземат соодветни мерки за да се врати редот и мирот во населбата. Градоначалникот Илијев лично го поддржува протестот и истиот го смета како аларм по кој надлежните служби соодветно треба да реагираат.
Протестот на жителите на населбата Трајаново Трло заврши мирно, со дефиле со возила низ кочанските улици со надеж дека институциите ќе имаат слух за нивните проблеми и соодветно ќе реагираат. Во спротивно доколку проблемите не се решат, најавија радикализација на протестите.
И. Матеничарски