Жителите на кочанскиот регион реагираат што веќе две недели не е во функција патничкиот воз на релацијата Кочани – Скопје и обратно, поради што се оневозможени безбедно и евтино да патуваат со железнички транспорт.
По инцидентот што се случи на 22 јули, кога патничкиот воз излета од шините при влегување во железничката станица „Јане Сандански“ кај Скопје, линијата е во прекин.
– Бараме јавното претпријатие „Македонски железници“ повторно да ја стави во функција линијата кон главниот град, со оглед што поради приватни обврски често патувам на оваа релација. Во моментот со воз може да се стигне само од Скопје до Велес, а потоа мораме да се снаоѓаме со автобуси или друг превоз, а во овој период и автобуските линии се редуцирани. Сметам дека патувањето со воз е посигурно заради лична здравствена заштита, особено сега во услови на епидемија од Ковид-19, истакна Ѓорѓи Лазаров од Кочани.
Патниците од Кочани, Штип и од околните населени места, кои често користат железнички транспорт, биле информирани дека додека траат поправките на оштетувањата на возот, линијата привремено ќе биде во прекин.
– Имаме сознанија дека сервисирањето на патничкиот воз е завршено пред неколку дена, но тој сè уште не вози кон Кочани. Доаѓам на железничката постојка во терминот кога вообичаено поминува возот, а има и други соселани кои сакаат да патуваат на овој начин, но засега овде не се слуша свирката на локомотивата, истакна Петар Арсов од Облешево.
И покрај тоа што единствениот патнички воз кон источниот регион не е во функција, персоналот на железничката станица во Кочани е на своите работни места, а на благајната стои известување дека билети не се продаваат.
Неколкумината патници кои утрово дојдоа да проверат дали ќе можат да патуваат за Скопје, се вратија назад.