Жители на Трајаново Трло утре излегуваат на мирен протест

Жители на населбата Трајаново Трло утре ќе излезат на мирен протест, да го искажат својот револт поради како што велат, зголемениот број на кражби и разбојништва  и несигурноста која владее во оваа кочанска населба.

Тие реагираат дека во последено време зголемен е бројот разбојништва, разбојнички кражби и тешки кражби во населбата и дека овие кривични дела претставуваат загрозување на материјалната сопственост, животот и безбедноста на жителите  на Трајаново Трло.

Жителите се жалат  дека ако праксата на крадците порано била да вршат упади во домовите  во ноќните часови,  во последно време  зачестени биле кражбите и во текот на денот, дури и во присуство на сопствениците на имотите кои се затекле дома. Како што велат, сите кражби се уредно евидентирани со полициски запсиник, но немаат информација дали некој сторител е пронајден и процесуиран според закон, а пак за обештетување или враќање на сигурноста во населбата не ни станува збор.

Нивните барања  се  да се зголеми  бројот на полициски патроли во населбата и поголема контрола од сообраќајната полиција. Во населбата забележани се „дивеења“ со возила кои се без регистарски ознаки, видно технички неисправни  и се движат со голема брзина , со што го загрозуваат животот и безбедноста на жителите.

Преку  писмен допис на кој се потпишани 120 жители на Трајаново Трло, за проблемот и нивните барања го известиле и Кабинетот на Министерот за внатрешни работи, началниците на СВР-Штип и ОВР-Кочани како и градоначалникот на Општина Кочани и претседателот на Советот на Општината, од каде се надеваат дека ќе им излезат во пресрет.

„Ја бараме назад безбедноста во нашите домови, дворови и објекти. Во спротивно ќе бидеме принудени да се организираме преку протести и блокади согласно позитивните законски прописи“, стои во писменото барањето на жители од населбата Трајаново Трло.

Протестот е закажан за утре, 08.03.2021 (понеделник), со почеток од 16:00 ч. кај „Вила Вонград“, во населбата Трајаново Трло во Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: