Завршен настан на проектот на ДПД – Кочани „Млади волонтери за сигурна средина за живеење“

На завршен настан, Доброволното противпожарно друштво денеска во Кочани ги презентираше постигнатите резултати во рамки на проектот „Млади волонтери за сигурна средина за живеење“ што во изминатиов шестмесечен период се реализираше во општината.

Носител на проектот беше Доброволното противпожарно друштво – Кочани, финансиски поддржан од Европската Унија, УНДП и кофинансиран од Општина Кочани.

– Во рамки на проектните активности спроведовме обуки за 80 средношколци од СОУ „Гошо Викентиев“ и СОУ „Љупчо Сантов“ преку кои ги запознавме со пожарникарството како во теорија така и во пракса. Применија и научија практични знаења за справување со пожари и противпожарна заштита. Воедно, во соработка со Општинскиот Црвен крст реализиравме и обуки по прва помош. Во рамки на проектот поставивме и информативни табли на СРЦ „Пониква“ за зачувување на природата и внимателно однесување при посетата на планината преку кои се алармира на последиците од евентуално настанување пожар. Изработивме и прирачник за заштита од пожари, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Од Доброволното противпожарно друштво – Кочани истакнаа дека преку проектот е даден голем придонес за младата популација која воедно беше и фокус група на проектот за подигање на свесноста и заштитата од пожари. Една од целите на проектот е и мобилизирање на нови волонтери од младата популација заради пополнување на редовите на друштвото со нови волонтери-пожарникари.

Сподели: