Изведбата на градежни работи на неколку краци од улици во Кочани е завршена, а во тек е реконструкцијата на улицата „Св.Кирил и Методиј“ како и изградба на локалниот пат од Оризари до Добра Вода.
Денеска заврши асфалтирањето на двата крака од улицата „Маршал Тито“, едниот кај Мултикултурниот центар што ги поврзува улиците „Маршал Тито“ и „Д-р Николиќ“ и вториот од подвозникот кај Мултикултурниот центар па до крајот на улицата. Поставен е нов асфалт, со што беа санирани оштетувањата на улицата кои го попречуваа нормалното движење.
Претходната недела изведувачот „Стоименов“ асфалтираше и дел од улицата „Илинденска“ и тоа од спојот со улицата „Милан Зечар“ до храмот „Св.Вмч Георгиј“, па се до спојот со улицата „Димитар Влахов“.
Деновиве започнаа и подготовките за асфалтирање на улицата „Св. Кирил и Методиј“ на која се гради и потпорен ѕид, а ќе се бетонираат и два крака од „Партизанска“
Освен во градот, се работи на изградба и на втората половина од локалниот пат Оризари – Добра Вода, каде механизација на градежната фирма „Бетон“ работи на тампонирање на одделени делови од трасата и пропустите на патот. По завршување на подготвителните работи ќе се постави асфалт во должина од 2 км.
Средства за изградба на локалниот пат Оризари – Добра Вода се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
И. Матеничарски