Завршна работилница од предметот „Јас и природата“ во ООУ „Никола Карев“

Во рамки на слободниот изборен предмет „Јас и природата“ во ООУ „Никола Карев“ Кочани се одржа завршна работилница на која беа презентирани постигнатите резултати од изучување на наставната програма.

Идеата за изработка на програма за слободен изборен предмет „Јас и природата“ потекна токму од Едукативниот пакет Медена земја кој се состои од 3 компоненти, илустрирана сликовница Медена земја, интерактивна игра со коцки и голема интерактивна игра на табла, дистрибуиран во училишта од нашиот регион, а преку кој учениците на креативен начин учат како да ја зачуваат природата од уништување и каква е важноста на пчелите за човекот и природата.

– Содржините од програмата беа целосно реализирани, учениците учеа, ги проследија и анализираа документарниот филм „Медена земја“ и истоимената сликовница, раскажуваа „Нераскажани приказни од медената земја“, преку интерактивната игра на табла „собираа мед“ играјќи ги ликовите на пчеларката, детето, сточарот и трговецот, посетија пчеларник и преку посета на пчелар производител на производи од мед и пчелни продукти се запознаа со улогата на медот во животот на човекот, а од посебно значење и треба да се истакне е акцијата за засадување на околу 200 садници медоносни дрвја – багрем, реализирана со директна вклученост на родителите и Македонски шуми ПЕ Кочани. – истакна Катерина Синадиновска, одделенески раководител на V-3 одделение.

На завршната работилница присуствуваа ученици, родители и наставници од основното училиште.

Целта на програмата е  стекнување на компетенции, односно знаења, вештини и вредности/ставови  во согласност со Националните стандарди за основното образование, ја збогатува воспитно – образовната дејност на училиштето, се доживува како интересна и корисна од страна на ученицитев и да придонесува за подобрување на севкупната привлечност на самото училиште и да ја подобрува севкупната клима за учење во училиштето.

Прорамата е позитивно оценета од Бирото за развој на образованието.

Сподели: