На повидок е реконструкцијата на еден од најголемите школски дворови во Кочани, во ОУ „Малина Попиванова“.
Просторот со површина од 10 илјади метри квадратни кој сега има само две спортски игралишта, ќе добие нови содржини: детско игралиште, беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен, патеки, спортско игралиште, забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни образовни потреби.
Целта е да се подобрат условите за социјализација и инклузија на учениците и жителите од мултиетничка, мултикултурна и различна социјална средина.
– Тендерската постапка за избор на изведувач за реконструкција на дворот на Основното училиште „Малина Попиванова“ е во завршна фаза. Фирмата со најповолна понуда на електронската аукција ќе склучи договор на 4.135.969 денари, од кои 2.700.000 се од Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот нa УНДП, „Зајакнување на општинските совети“ – соопштуваат општинските служби.
Изборот на изведувач за реконструкцијата на дворот на ОУ „Малина Попиванова“ доаѓа по три претходни обиди, по кои Советот на Општина Кочани го измени Планот за јавни набавки за општинско кофинансирање на проектот во висина од 1 милион денари, за кои се зголеми проценетата вредност. По истекот на рокот за жалба и доставување гаранција, избраниот изведувач ќе го потпише договорот и ќе почне рокот за изведба.
Проектот „Изградба на спортско-рекреативен центар во ОУ ‘Малина Попиванова’“ е избран како приоритетен на Форумот во заедницата што се реализираше минатата година во Кочани. За имплементација на овој проект е потпишан договор помеѓу УНДП и Општина Кочани.