Доброволното противпожарно друштво – Кочани ги започна противпожарните обуки на членовите на новоформираното друштво кое ќе биде дополнување на професионалната противпожарна единица и за почеток ќе брои 50 членови.
Во кругот на Територијалната противпожарна единица, распределени во три работни групи, членови на доброволното друштво за почеток се запознаа со целите и програмата за работа на друштвото како и опремата и возилата што ги поседува кочанската територијална противпожарна единица.
-Денеска е првата обука на членовите на доброволното друштво на која беше презентирана програмата и целите на друштвото, работните задачи и начинот на организација. Од страна на пожарникарите, за почеток членовите теоретски се запознаа со основни информации за пожарите, опасноста од настанување и начини на гаснење. Беше презентирана дел од опремата на редовната пожарникарска единица која за почеток ќе ја користат и доброволците, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
Според најавите, во следниот период се предвдени практични обуки на членовите преку интервенција на симулирани случаи на огнена стихија кои ќе бидат спроведувани од пожарникари – професионалци. Членовите најпрвин ќе бидат обучени за справување со шумски пожари, пожари на отворен простор и на затворени објекти.
Во процес е техничко опремување на противпожарното друштво за што веќе се најавени донации од Р. Австрија и Р. Словенија. Со оглед на фактот што станува збор за непрофитно друштво, сите заинтересирани граѓани и компании можат да донираат за опремување на доброволците. Донираните средстваќе се користат за обезбедување на работна и огноотпорна облека, технички средства за интервенција и останати потребни помагала за успешна интервенција во случај на пожар.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов