Кочанските средни училишта ги започнаа уписите на нови средношколци во новата учебна година. Годинава во Кочани завршуваат околу 320 деветоодделенци кои треба да изберат каде ќе го продолжат своето образование.
На првиот ден од уписите од двете средни училишта во Кочани, „Гошо Викентиев“ и „Љупчо Сантов“ се задоволни од бројот на заинтересирани ученици за упис.
Во СОУ „Гошо Викентиев“ учениците може да избираат образовни профили од електротехничката, машинската и сообраќајна струка како и новите дуални паралелки.
-Досега пријавени се над 102 ученика за запишување во прва година, во сите три струки. Најголем интерес има за профилите компјутерска техника и автоматика, во електротехничката струка и техничар за транспорт и шпедиција во сообраќајната струка. Првиот уписен рок трае до четвток, а резултатите ќе бидат познати истиот ден по 16 ч. , истакна Тони Велков, помошник-директор на СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани.
Новина од оваа учебната година е што идните средношколци можат да изберат два нови профили , да се образуваат во дуални паралелки со зголемен обем на практична обука и да добиваат стипендии.
Во СОУ „Гошо Викентиев“, во машинската струка се отвора нова паралелка која ќе биде дуална – техничар за производно машинство, а во електротехничката струка дуални ќе бидат постојните паралелки електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар-енергетичар.
Во кочанската гимназија „Љупчо Сантов“ интересот за запишување е најголем во гимназикото образование, а учениците се интересираат и за новите дуални паралелки.
-Засега интересот за запишување на деветтоодделенците во СОУ „Љупчо Сантов“ е голем. Имаме три гимназиски паралелки и исто толкав број на паралелки за насоката економски техничар. Од оваа година имаме новитети во училиштето со воведување на две дуални паралелки, бизнис администратор и хемиско-лаборантски техничар. Интересот кај дуалните паралелки е задоволителен, особено кај бизнис администратор каде интересот е поголем, за разлика од хемиско-лаборантски техничар, истакна Данче Стефановска Костадиновска, член на комисијата за упис при „Љупчо Сантов“.
Деветтоодделенците за упис можат да се пријавуваат до 17 јуни и тоа на 15 и 16 јуни од 7 до 19 часот а на 17 јуни од 7 до 15 часот. Второто пријавување од првиот уписен рок е од 23 и 25 јуни, а третото на 30 јуни.
Критериуми за избор се средниот успех на ученикот од 6 до 9 одделение, како и средниот успех постигнат по четири предмети (мајчин и странски јазик и два предмети што се од зачење за струката), средна вредност од поени за поведение, како и дипломи од освоени места на државни и меѓународни натпревари.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов