Започнаа уписите на нови средношколци во средните училишта во Кочани

Средните училишта во Кочани ги отворија вратите за упис на ученици во новата учебна 2020/2021 година.

Под посебни прописи и здравствени протоколи, а заради заштита на личното здравје, учениците денеска ги доставуваа документите до комисиите за упис во двете средни училишта во градот.

Во СОУ„Љупчо Сантов“ има 272 слободни места,  распоредени во осум класа од кои четири во гимназиска и исто толкав број во економска струка.

  • СОУ„Љупчо Сантов“ Кочани ги следи насоките согласно објавениот конкурс од страна на Министерството за образование и наука  како и насоките за здравствена заштита и сите протоколи кои што ни беа дадени како сугестија од страна на надредените државни органи. До 12:00 часот се запишани 30 ученици во гимназиската струка и 23 ученика во економско правната и трговска струка. Очекуваме дека денешниот и утрешниот ден ќе ни донесат пријатни новости, да запишеме доволен број на ученици за да формираме осум паралелки. Имаме право да запишеме 136 ученика во економски техничар и 136 во гимназиска струка. Ги запазуваме мерките на здравствена дистанца. Уписите се одвиваат од источната страна на училиштето , за гимназиско образование, а од западна страна се примаат документите на учениците кои се запишуваат во економската струка, истакна Игор Христов, директор на СОУ„Љупчо Сантов “ Кочани.

Во СОУ„ Гошо Викентиев“ има вкупно 408 слободни места за запишување распоредени во 12 паралелки.  До 13:00 часот се пријавени 63 ученика во електро струката, 9 во машинската и 23 ученика во сообраќајната струка, информираше Гордана Антова член на комисијата за уписи.

За машинската струка има место за 170 ученика во пет паралелки, машински техничар, техничар за компјутерско управување, машински енергетски техничар и автомеханичар заварувач. Електротехничката струка расплага со места за 204 ученика во шест паралелки. Овде спаѓаат смеровите електротехника за електроника и телекомуникации, електротехничар за компјутерска техника и автоматика, електротехничар енергетичар, електро механичар и електричар. Во сообраќајната струка е предвидена една паралелка за 34 ученика во смерот техничар за транспорт и шпедиција.

Уписите за средношколци продолжуваат и утре 17.јуни во двете средни училишта во периодот од 07:00 до 19:00 часот.

Учениците потребно е да поднесат пријава за упис,  оргинални свидетелства од VI до IV одделение, извод од матичната книга на родените, потврда за имунизација, а учениците кои имаат постигнат успех на меѓународни и државни натпревари и дипломи од истите.

Резултатите за примените ученици ќе бидат објавени на 18. јуни, а за учениците кои нема да се запишат на првиот уписен рок, планирани се уште два и тоа на 24 и 25 и 29 и 30 јуни.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Сподели: