Почнаа работите за изградба на три од засега петте предвидени кружни текови на булеварот „Тодосија Паунов“.
Најинтензивни се активностите на кружниот тек спроти „Стокомак“, којшто ги вкрстува „Тодосија Паунов“ со улицата „Македонска“, каде изведувачот „Битем“ работи на ископи, расчистување, обележување и осигурување на трасата на која ќе биде изграден овој сообраќаен елемент.
Според проектната документација изработена од стручни лица, на овој ќе се надоврзува уште еден, спроти новата бензинска пумпа „Лукоил“, каде булеварот „Тодосија Паунов“ се спојува со улицата „Киро Кикенски“.
Третиот кружен тек што ќе се гради во првата градежна етапа е спроти Автобуската станица.
Изработена е проектна документација и веќе наскоро се очекува распишување на оглас за избор на изведувач по пат на јавна набавка за изградба на уште два кружни тека, коишто ќе го ослободат сообраќајот од метеж и ја олеснат неговата фреквенција.