Започна пријавувањето на волонтери во Доброволното противпожарно друштво – Кочани

Новоформираното Доброволно противпожарно друштво – Кочани  ги започна активностите за екипирање на волонтери-доброволци за членови во противпожарното друштво, кои ќе бидат дополнување на професионалната противпожарна единица.

Деновиве е објавен јавен повик за пријавување на заинтересирани лица за доброволци и истот ќе трае до 20 октомври, по што ќе следува процес на селекција на кандидатите и нивна обука.

На повикот можат да се пријават сите заинтересирани полнолетни граѓани од Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци, кои имаат интерес да бидат членови во противпожарното друштво, кое првенствено ќе има за цел справување со шумски пожари и пожари на отворен простор.

-Доброволното противпожарно друштво формално-правно е формирано на 13 септември, иако иницијативата е од порано. Во моментот тече јавниот повик за пријавување на кандидати, заинтересирани лица за членови на доброволното друштво. По пријавувањето ќе следи селекција на кандидатите, по што ќе се пристапи кон нивна основна противпожарна обука и обука за прва помош. Противпожарните обуки ќе бидат спроведени во соработка со  професионалци –пожарникари од ТППЕ- Кочани  како и од други инситуции, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво – Кочани.

За почеток, членовите на Доброволното противпожарно друштво ќе се обучуваат за справување со пожари на отворен простор, шумски пожари и пожари во затворени објекти.

Поради тоа што станува збор за непрофитно друштво, од ДПД истакнаа дека сите компании и граѓани кои имаат можност може да донираат средства за опремување на друштвото и обука на волонтерите – доброволци се добредојдени, а финансиска поддршка за функционирање на друштвото претходно најавија и од Локалната самоуправа на Кочани.

Пријавувањето на заинтересираните граѓани за членови на Доброволното противпожарно друштво исклучиво ќе се спроведува преку официјалната фејсбук-страница на друштвото која може да ја посетите со клик ОВДЕ.

И. Матеничарски

Сподели: