Започна уривањето на дел од објектите на улицата „Стево Теодосиевски“, на потегот од „Двојниот мост“ до крстосницата во „Стришани“. Со ова започнуваат активностите за проширување на постоечката сообраќајница и изградба на нов булевар.
Градежни машини на изведувачот „Калина“ денеска ги уриваа објектите за кои експропријацијата е завршена, а увид во работата извршија градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев и секретарот Александар Јосифов.
„Почнавме со рушење на дел од куќите за коишто постапката за експропријација е завршена и уривањето ќе продолжи на сите куќи каде процесот е завршен. Исто така продолжуваме и понатаму со другите објекти каде процесот за експропријација сеуште тече и очекуваме да биде завршен. Навистина сметам дека овоа е еден голем чекор, бидејки на овој проект работиме повеќе од една ипол година. Еден проект кој очекувам дека ќе ги реши поголем дел од проблемите на граѓаните на Општина Кочани кои се соочуваат со сообраќен хаос и дека навистина ќе имаме непречено движење“ – изјави за медиумите градоначалникот Илијев.
Со експропријацијата, локалната самоуправа ќе откупи вкупно 9.765 квадратн метри, на кои се наоѓаат вкупно 30 парцели, од кои девет се државно земјиште, а на останатите се евидентирани 29 сопственици. За овој процес Општината ќе потроши 30 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот. Ова е прва фаза од проектот за изградба на нов булевар, а ќе се гради и кружен тек.
За време на изведувањето на градежните работи, сообраќајот ќе биде пренасочен во неколку правци. Товарните возила ќе се движат кон Грдовци, а патничките по улицата „Маршал Тито“ и лево по „22 Октомври“ – еднонасочна улица што се спојува со „Димитар Влахов“. Во услови на изменет режим, авобусите и минибусите ќе се движат по улицата „Маршал Тито“ до Водостопанство „Брегалница“ и лево по улицата „Димитар Влахов“ кон Стришани и излезот на градот.
И.Матеничарски