ООМУ „Ристо Јуруков“ денеска ги отвори вратите за прием на новите првачињата во учебната 2021/2020 година. На свечен прием во дворот на музичкото училиште, идните музичари го започнаа своето музичко образование во двете музички програми за деветгодишно и шестгодишно образование.
Новитет годинава е што се воведува нов оддел за музичко образование, традициски и народни инструменти преку кој ќе е изучува изведување на инструментите кавал, тамбура, тапан и гајда.
-Денеска го извршивме приемот на првачињата во новата учебна година. Во ООМУ „Ристо Јуруков негуваме млади музички таленти, околу 150 ученика сместени во две програми, деветгодишна и шестгодишна програма. Деветгодишна програма во кои учениците се запишуваат во прво одделение односно 6 годишна возраст за изучување на инструментите пијано и виолина , додека во шестгодишното образование се вклучуваат ученици на 9 годишна возраст, односно четврто одделение во основното образование. До оваа година изучувавме гитара, фелјета и хармоника, а од оваа година има проширување на дејноста, се воведува нов оддел, традициски инструменти, односно оддел за народни инструменти, истакна Марија Лазарова, директорка на ООМУ „Ристо Јуруков“.
Во новиот оддел за народни инструменти претежно е застапена инструментална музика. Програмата е дел од шестгодишното музичко образование, а од музичкото училиште ги поканија учениците од петто и шесто одделение од основното образование да се запишат на новиот оддел. Идејата е да се зачува и негува македонската народна музика и традиција.
Училиштето е целосно технички и кадровски подготвено за стартот на учебната година за што веќе е подготвен план за одвивање на наставата согласно новите протоколи за работа на воспитно-образовните институции во државата.
И. Матеничарски