Во понеделник започнуваат уписите на новите првачиња во учебната 2021/2022 година.
По тој повод, директорите на основните училишта во Кочани и градоначалникот Николчо Илијев одржаа работен состанок на кој беа договорени деталите околу уписите на првоодделенците.
Годнава бројката на првачиња кои треба да се запишат во основните училишта во општината е поголема од лани и изнесува 412 ученици, информираше Лилјана Арсова, Советник за образование во Општина Кочани.
-Во јавноста постоеше дилема дали годинава ќе има доволен број на првачиња за упис. Сакам да истакнам дека годинава бројката за запишување е поголема од лани и изнесува 412 училишни обврзници, факт кој радува. Вреди да се забележи дека зголемен е бројот на првачиња во подрачните училишта во општината, особено во населени места каде минатата учебна година немаше запишано ниту едно прваче, истакна Лилјана Арсова, Советник за образование во Општина Кочани.
Во новата учебна година ќе се запишуваат деца родени во 2015 година, а постои можност и за запишување на максимум 25 ученика кои се родени 2016 година, но со претходна согласност од родител.
Уписите оваа година ќе се изведуваат на два начина, преку електронска апликација која е објавена на официјалната страна на Министерството за образование и наука, но и во училиштето со носење на потребната документација. Родителите навреме ќе бида информирани за тоа кои документи се потребни при упис на нивните деца и за термините и денот на запишувањето.
Од училиштата апелираат до родителите да ги запазат мерките и протоколите за заштита од КОВИД 19.
И. Матеничарски