Затворен вакциналниот пункт во Кочани, граѓаните против Ковид-19 ќе се вакцинираат во Штип

Вакциналниот пункт при Општата болница со проширена дејност – Кочани е затворен, а граѓаните вакцината против Ковид -19 од денес ќе ја примаат во Регионалниот вакцинален центар во Штип.

Масовната имунизација на населението во Македонија започнува од денеска, со вакцините на кинескиот производител „Синофарм“, во шесте регионални вакцинални центри отворени  во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид, Битола како и во Спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

-Вакциналниот пункт во Кочани е затворен. Досега на пунктот во Кочани се вакцинирани околу 950 граѓани. Двете вакцинални екипи од болницата од денеска се упатени во Регионалниот центар во Штип. Засега немаме информации каде ќе се ревакцинираат граѓаните кои веќе ја примија првата доза од вакцината во Кочани, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница во Кочани.

Информацијата за затворањето на вакциналниот пункт во Кочани со негодување е прифатена кај граѓаните. Отсега за имунизација ќе мора да патуваат до Штип што им претставува дополнителен финансиски трошок, ризик од зараза и време.

Вакциналниот пункт во Кочани беше отворен пред еден месец. Во него се вакцинираа лица над 75 годишна возраст со вакцините на производителот АстраЗенека.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: