Зачестена појава на питачење од малолетници во Кочани

Зголемен и зачестен е бројот на малолетни деца питачи кои секојдневно во Трговскиот центар, од утро до мрак питачат и бараат милостина од минувачите.

Најголем дел од нив се движат низ кафулињата и пицериите, а се почесто одбираат и фреквентно место низ трговскиот центар каде со картонска кутија седнати на земја бараат милостина од граѓаните.

 Граѓани реагираат дека најчесто во група, малоленти лица целодневно „оперираат“ низ центарот на градот, а понекогаш се придружувани и од возрасни лица. Како што велат, забележително е дека при питачењето имаат акцент во зборувањето што не наликува на кочанскиот дијалект, па претпоставките одат до таму дека можеби малолетниците и не се од Кочани.

Неретко се случува во доцните вечерни часови истите лица да бидат забележани како преноќуваат во влезовите на зградите, под скалите или во кафулињата. Граѓани укажуваат дека дел од малолетниците честопати биле затекнувани и во извршување на „ситни“ кражби, особено во обивање на кафемати во централното подрачје на градот.

Надлежни за решавање на проблемот и згрижување на малолетниците кои питачат се службите од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Кочани со поддршка на Отескот за превенција при Одделението за внатрешни работи – Кочани.

Питачењето според кривичниот законик е кривично дело за кое се предвидува казна затвор најмалку пет години за секое лице или родител кое од користољубие ќе принуди малолетник да питачи. Сепак, процесирањето на кривичното делото во пракса тешко се докажува.

Останува на надлежните институции час поскоро да излезат на терен и реагираат во решавање на проблемот со питачењето во центарот на Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: