Киосци, бутици, самопослужни автоперални, продавници на разна стока, сендвичарници и семејни домови периодов се мета на крадци кои разбиваат и крадат вредна стока од продажни објекти и покуќнина од домовите.
Граѓани и стопанственици до интернет-порталот „Гласно“ се пожалија дека периодов зачестени се кражбите врз продажни објекти при што најчесто се крадат цигари, пари и друга вредна стока. Според нивните информации станува збор за организирана група на малолетници кои разбиваат. Кражбите ги пријавуваат во полиција, но по се изгледа залудно.
– Најчесто крадат цигари и друга вредна стока. Пријавуваме во полиција, полицијата прави записник и најчесто крадците се пронаоѓаат или поточно се знаат, но бидејки се малолетни законот ги штити. Станува збор за повеќекратни сторители на кражби, добропознати не само на полицијата, туку и на граѓанството. Украдената стока никогаш не се враќа назад и не сме обештетени. Како и каде завршува украдената стока никој не знае. Се правдаат дека проблемот е до останатите институции што овие малолетници, повеќекратни сторители на кражби, и покрај обезбедените докази и признанија ги толерира и не ги испраќа во соодветни малолетнички домови и затвори. Буквално по кражбите се пуштаат на слобода и утредента истите малолетници ги повторуваат делата, ни сподели оштетен сопственик на мал бизнис.
И полициските дневни билтени периодов бележат зголемен број на кражби. Полицијата информираше дека расчистила две кривични дела „тешка кражба“ и едно кривично дело „тешка кражба во обид“ извршени на 29.01.2024 на територијата на општина Кочани од бутик, автоперална и сендвичара, од каде се одземени разни предмети и пари. Исто така, 68 –годишник од Кочани во полицијта минатата седмица пријавил дека во сопствениот двор бил физички нападнат од неколку лица кои ги затекнал како крадат.
Граѓаните реагираат дека се чувствуваат небезбедни и апелираат надлежните институции да се координираат и да ги преземат сите законски мерки извршителите на кривични дела да бидат соодветно санкционирани.
Покрај штетата од украдената стока која не е обештетена, трпат штети и врз продажните објекти со насилното влегување во истите.
И. Матеничарски