Со единствена точка на дневен ред – извештај за извршување на Буџетот на Општина Кочани за третиот квартал од 2021 година, актуелниот состав на Советот на Општина Кочани утре, четврток ќе ја одржи својата последна 64. седница од четиригодишниот мандат.
Поради единствената точка на дневен ред, седницата ќе има повеќе протоколарен карактер и ќе биде последна за најголем дел од акутелните советници во Советот на Општината.
Со оглед дека до изборниот ден преостануваат десетина дена, не се очекува дека до крајот на мандатот на актуелниот советнички состав ќе биде закажана нова седница. Првата наредна ќе биде конститутивна седница за формирање на новиот Совет и избор на неговите комисии.
Во пресрет на последната седница на Советот на Општината, независниот советник Венко Крстевски ги повика своите колеги, паушалот од седницата да го донираат на новоформираното Доброволно противпожарно друштво. На предлогот на Крстевски поддршка најави и претседател на Советот, Томе Солевски, а се очекува кон иницијативата да се приклучат и останатите членови на актуелниот советнички состав.
И. Матеничарски