На 30 март закажана јавна трибина за загадувањето на воздухот во Кочани и фабриката „Пејпар Мил“

Фабриката за рециклирање на хартија „Пејпр Мил“ ќе биде тема на јавната трибина што ќе ја организира локалната самоуправа на Кочани, по барање на Иницијативната група на граѓани за борба против аерозагадувањето на воздухот во општината.

Откако предлогот за организирање на јавна трибина доби зелено светло од советниците, на продолжението на седмата седница на Советот на Општина Кочани, локалната самоуправа ја закажа за 30 март во Мултикултурниот центар во Кочани со почеток од 18 ч.

– Иницијативната група на граѓани за борба против аерозагадувањето на воздухот во општината има неколку барања кои ќе ги побараме да се испочитуваат од државните органи. Да се изгради пречистителна станица за отпадни води во фабриката „Пејпар Мил“, да се постави нова инсталација со која фабриката ќе го регулира испуштањето на емисии во воздухот согласно Европските регулативи кои пропишуваат користење на еколошко гориво. Исто така ќе се покрене иницијатива за собирање на потписи од граѓаните и околината, со цел да се притиснат институциите за поголема контрола на работењето на фабриката, истакна Горан Лефков, од Иницијативата за чист воздух во Кочани.

На јавната дебата ќе бидат поканети претставници од Министерството за животна средина, надлежните инспекторати, претставници на локалната самоуправа и граѓанството.

Целта е преку сеопфатна дискусија на засегнатите страни, да се изнајдат заеднички заклучоци за понатамошно граѓанско и институционално делување .

Јавна трибина во врска со загадување на воздухот во Кочани како последица од работењето на фабриката „Пејпар Мил“ во Општина Кочани доаѓа по неколку неделните протести на граѓаните пред кочанската фарбика за рециклирање на хартија.

По барање на Иницијативната група на граѓани, Советот на Општина Кочани на последната седница донесе и одлука за набавка на мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот во Кочани кои ќе бидат поставени на критични локации во градот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: