Досега се немам почувствувано обесправено како припадник на женскиот пол. Сепак познавам многу жени што денес, вчера и утре се во кафана. Слават и се веселат за 8 – ми Март. Еднаш се живее. Тие своите права ги добиваат еднаш во годината. Познавам ногу мажи кои денес подаруваат цвеќе, а утре веќе ги третираат своите мајки, баби, жени, девојки како потрошен материјал. За среќа јас живеам во подобар свет.
Денес ја користам оваа можност да им кажам БЛАГОДАРАМ на сите жени во светот кои допринеле да живеам вака слободно. Фала им и на мажите во моето опкружување кои никогаш не направија да се чувствувам лошо бидејќи не сум МАЖ. Нема да им се заблагодарам на оние што не биле фер не само спрема мене, туку и спрема жените во целиот свет. Но искрено ниту ми значат ниту пак ми е гајле за нив.
Не ми се допаѓа она во што се претвори 8 –ми Март. Едни честитаат, други слават по кафани, трети се жалат, четврти тагуваат. Највеќе ме изреволтираа постовите на некои инфлуенсерки што трубат за сексизам, а самите се доведуваат до ситуација самоиницијативно да рекламираат и заработуваат од своето тело. Запомнете, животот е ваше право на избор! Никој нема да ви ги даде вашите права, ако не ги знаете и не ги барате. Никој нема да ве третира како предмет, ако гласно се спротивставете.
Учете ги од најмали нозе вашите деца дека не треба да го делат светот на мажи и жени, туку на добри и лоши луѓе. „Нема женска работа“ е сосема погрешна реченица. Ниту жените, ниту мажите се нечија сопственост. Слободата го движи умот, а умот го движи светот.
Не дозволувајте 8- ми Март да ви биде момент за сеќавање, нека биде ваш начин на живеење. 365 дена во годината бидете среќни што сте жени, почитувани затоа што сте мајки, без да се жалите што сте нечии девојки. Клара и Роза ви го покажаа патот, но не се тука за да се борат за вас. Борбата е ваша!
Николина Атанасова – медиумски едукатор