Кочанската територијална противпожарна единица периодов интервенира на зголемен број на пожари на отворен простор, предизвикани од неконтролираното палење на жетвените остатоци во полскиот предел во Кочанско.

Од почетокот на календарската година, пожарникарите интервенирале на гаснење на вкупно 48 пожари на отворен простор на територија на Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.

– Од почетокот на годината заклучно со вчера, Територијалната противпожарна единица – Кочани има интервенирано за гаснење на 31 пожар на отворен простор на територија на Кочани, 14 на територија на Општина Чешиново-Облешево и 3 пожари во Зрновци. Вкупната опожарена површина е над 40 хектари. Поради зачестеното палење на стрништа, во координација со овластен инспектор и МВР, вршиме контрола на терен и казнување на лицата кои ќе бидат затечени како палат оган на отворено. Ги предупредуваме земјоделците дека секое неодговорно однесување ќе биде санкционирано. Минатиот период при контрола затечени се лица кои палат и соодветно санкционирани, соопшти командирот на ТППЕ-Кочани, Драган Апостолов.

Од Територијалната противпожарна единица – Кочани уште еднаш упатија апел до земјодеците, да се однесуваат одговорно и да не ги палата жетвените остатоци. Штетата што дополнително може да настане од потпалувањето на стрништата може да биде од големи размери по објектите и населени места во полските предели.
Дополнителен проблем на кочанските пожарникари е и финансискот надоместок од двете рурални општини што не се исплаќа за интервенции на нивна територија.
И. Матеничарски
Фото: Архива