ЗГ „Никола Мантов“ бара поддршка за опремување на фитнес сала за фудбалерите на ГФК „Осогово“

Здружението на граѓани „Никола Мантов“ – Кочани е во процес на опремување на фитнес сала во склоп на Градскиот стадион за потребите на фудбалерите на ГФК „Осогово“ – Кочани.

Откако претходно целосно ја реновираа старата фитнес сала, од здружението на граѓани преку интернет – порталот „Гласно“ упатија апел до граѓаните за донација на фитнес опрема за целосно опремување на салата.

– Како здружение на граѓани, почитувачи и поддржувачи на ГФК „Осогово“, направивме напори за реновирање на старата фитнес сала која беше во лоша состојба. По реновирањето потребно е истата да ја опремиме со фитнес опрема. Ги повикуваме сите граѓани, вљубеници во „Осогово“ и стопанственици да донираат опрема. Фитнес опремата не мора да е нова, може да биде веќе користена, но најбитно е да е функционална. Преку ова сакаме да помогнеме за подобрување на условите за тренинг и одржување на формата на нашите фудбалери – истакнаа од ЗГ „Никола Мантов“ – Кочани.

Фитнес салата според стандардите треба да биде опремена со повеќенаменски бенџ клупи, тегови и плочи, шут машина, преса, ластици и баланс топки, ролери за масажа, еднорачни тегови и останата фитнес опрема.

Заинтересираните граѓани и правни субјекти кои сакаат да донираат фитнес опрема може да го контактираат ЗГ „Никола Мантов“ на телефонскиот број 075/340-030.

И. Матеничарски

Сподели: