Здружението на граѓани „Никола Мантов“ повторно се вклучи во акција за поддршка на младинските категории на ГФК „Осогово“.
Овој пат, членовите на здружението донираа комплет тренерки за сите младинци, кадети и пионери на ГФК „Осогово“. Станува збор за 73 пара комплет горен и долен дел тренерки, брендирани со логото на „жетварите“.
Од Фудбалската академија на ГФК „Осогово“ испратија благодарност за донацијата на ЗГ „Никола Мантов“.
– Јавна и голема благодарност до членовите на здружението „Никола Мантов“ за донацијата во тренерки за сите младинци, кадети и пионери на ГФК „Осогово“. Нивната континуирана поддршка и ангажман за нас се голема мотивација да ја оствариме нашата визија односно да го вратиме ГФК „Осогово“ каде му е местото. Нашата мисија е од стотината млади фудбалери да создадеме и изградиме првотимци на ГФК „Осогово“ кои ќе ги полнат трибините и ќе бидат пример и потстрек за помладите фудбалери! – стои во соопштението на ГФК „Осогово“.