Здружението на слепи и слабовидни лица – Кочани го одбележа 15 Октомври, Меѓународниот ден на Белиот стап

Здружението на слепи и слабовидни лица – Кочани се вклучи во традиционалното одбележување на 15 Октомври, Меѓународниот ден на Белиот стап – симболот на слепиот човек.

На средбата со новинарите во просториите на Здружението на слепи и слабовидни лица во Кочани, членовите на здружението ја истакнаа важноста на Меѓународниот ден за слепите лица како можност да се слушнат нивните проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното живеење.

– Денешниот ден е можност да ги истакнеме заложбите на здружението за обезбедување на подобри услови за функционирање на слепите и слабовидни лица во Кочани и околината. Годинава здружението за прв пат од неговото постоење е дел од осуммесечен проект поддржан од Европската Унија и УНДП. Станува збор за едукација и обука за подобрување на вештините на слепите лица во нашата општина. Преку проектот ќе се влијае на  зголемена вработливост и вклучување во процесот на рециклирање отпад на лицата со попреченост преку подобрување на вештините на слепите и слабовидните лица во Кочани. Ја користам приликата да го честитам Меѓународниот ден на Белиот стап на сите слепи и слабовидни лица – истакна Тоше Илиев, од Здружението на слепи и слабовидни лица – Кочани.

Во рамки на чествувањето на Меѓународниот ден на Белиот стап, членови на здружението денеска ќе присуствуваат на заедничка средба на која ќе дискутираат за проблемите, предизвиците и можности за подобри услови за живот на слепите лица во општината.

Душко Граовац, член на Здружението на слепи и слабовидни лица – Кочани, како лице со 98 % оштетен вид ја искористи приликата да упати апел до учесниците во сообраќајот да го почитуваат Белиот стап, а со тоа и слепите лица, овозможувајки им предност при движењето на улиците, тротоарите и јавните површини во општината.

Мисијата на 15 октомври-Меѓународниот ден на Белиот стап-Симболот на слепиот човек-признат од Организацијата на Обединетите Нации (ООН) е да му покаже на светот дека и со слепилото се може, да покаже како слепите и слабовидните лица ширум светот живеат, работат и независно придонесуваат за својата заедница.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: