Здружението „Храбро срце“ веќе четири месеци чека одговор од ФЗО

Здружението “Храбро срце”,  формирано од пациентите со механичка потпора на срцето и нивните поддржувачи, веќе четири месеци е во исчекување на  одговор од ФЗО.

Што чекаме ние? Зарем треба да молиме за нашите права да бидат остварени? Зарем не сме ние осигуреници на оваа држава? Кој е тој што има обврска да ја помогне нашата ситуација и дали ќе продолжиме самостојно да го носиме сиот финансиски терет?

ФЗО го покри оперативниот процес, односно вградувањето на механичките, циркулаторни помагала кај секој од овие 11 пациенти, но дали ФЗО се информирани каков е пост-оперативниот период. Животот и извршувањето на секојдневните функции со помош на овие помагала е далеку поразличен од регуларниот начин на живот. Материјалите кои нам ни се потребни за одржување на еден нормален пост-оперативен процес, кој трае и ќе трае, ги подмируваме од сопствени финансии. Кога станува збор за рутинските контроли и дополнителните прегледи, постои поделба помеѓу пациентите, односно членовите на нашето здружение. Оние кои се оперирани во Државна клиника, Скопје, добиваат бесплатни прегледи  затоа што се осигуреници на нашата држава. На оние кои се оперирани во странство делумно им се покриени трошоците. Пациентите кои се оперирани во приватната клиника “Жан Митрев”, не добиваат никаква финансиска помош од ФЗО. Па го наметнуваме следното прашање, дали овие пациенти се осигуреници на некоја друга држава? Каква е таа бесмислица да бидат помогнати дел од нашите членови, а останатите се’ да плаќаат од свој џеб и да чекаат да се реши некаков бирократски хаос? Трошоците за материјалите членовите на здружението ги подмируваат самостојно. Главно барање на “Храбро срце” е овие 11 пациенти, да бидат ослободени од огромниот финансиски терет.

Прашања и само прашања, без никаков одговор! Апелираме, во најкраток можен рок, ФЗО да се разбуди од карантинскиот сон и да продолжи да ги извршува своите должности!

Сподели: