Палењето на жетвените остатоци од страна на земјоделците повторно предизвика пожари на повеќе локации низ Кочанското поле.
Како што информираше командирот на Територијалната противпожарна единица – Кочани, Благој Паунов во моментот активни се пожари на стрништа на неколку локации во атарите на селата Прибачево како и во Горни и Долни Подлог.
– Моментално активни се повеќе пожари на повеќе локации низ Кочанското поле. Приоритет ни се објектите што се во близина на пожарите, но засега нема загрозени објекти. Во моментот на терен се четири екипи со осум пожарникари и во зависност од временските услови очекуваме пожарите да ги локализираме во текот на ноќта, изјави Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Паунов додаде дека ветарот го отежнува гаснењето на пожарите и предизвикува брзо ширење на огнот.
Проблемот со палењето на жетвените остатоци е проблем кој се провлекува низ годините. На потег се надлежните институции за пронаоѓање и казнување на сторителите со цел навремено превенирање на пожари од поголеми размери и штети.