Земјоделците со предлози за намалување на палењето на стрништата


Првата фаза инфосредби со земјоделците во рамките на проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ е реализирана во 20 села, од Мојанци до Блатец, во четирите општини Виница, Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.


Земјоделците ја искористија можноста на стручните лица од проектот чијашто цел е одржливо користење на жетвените остатоци, да ги искажат проблемите со кои се судираат и да дадат поддршка за намалување на загадувањето на животната средина што настанува од палењето на стрништата.


– Земјоделците нѐ информираа за проблемите со кои се соочуваат и даваа предлози за нивно надминување. Бараат локалните самоуправи да определат земјиште, соодветна локација на која тие ќе можат да ја одлагаат сламата, од каде понатаму ќе се договараат за пренесување во Пречистителната станица во Мојанци. Препораките од земјоделците од сите села се исти. Земјоделците предлагаат дневни патроли составени од надлежните инспектори, полиција и од противпожарната служба што ќе ја зголеми контролата над земјоделските површини и ќе биде дополнителен надзор над палењето на стрништата. Имаше сугестии да се набават ролобалирачки, за да може од самиот старт на жетвата да се балира сламата – изјави Олга Стоименова, координаторка на проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“.


Стоименова истакнува дека на инфосредбите присуствувале и претставници од земјоделски задруги кои препорачале да се прават компостарници, па преку Програмата за рурален развој да се воведат субвенции за набавка на машини за правење на пелети, на земјоделски отпад, за сечкачи на сламата како дополнителна алатка во комбајните со која додека се жнее оризот веднаш се сечка сламата и се заорува. На тој начин таа веднаш би се искористила и нема да се пали.


На почетокот на септември ќе се одржи нова работилница од проектот, на која ќе се моделираат конечните мерки, а ќе започне и втората серија инфосредби со земјоделците со која ќе бидат опфатени 10 села, со цел земјоделците да се потсетат на примена на добра земјоделска пракса и избегнување на палење на жетвените остатоци.

Сподели: