Советот на честа на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинари по претставката на здружението „Грин.орг“, поднесена против интернет-порталот „Гласно“, за пренесена вест потпишана од Општина Кочани.
Во образложението на Советот на честа при ЗНМ е наведено дека:
„Претседателката на здружението „Грин.орг“ Ана Симонова, поднесе претставка до Советот на честа на ЗНМ, за написи објавени на порталите „Комарец“ и „Гласно“ од Кочани, во кои со невистини и испревртување на нејзините постови и е нанесена штета на честа и угледот.
Советот на честа на ЗНМ и покрај тоа што не беше до крај уредна, ја разгледа претставката на претседателката на здружението „Грин.орг“ Ана Симонова за написи објавени на порталите „Комарец“ и „Гласно“ од Кочани, во кои, како што тврди, со невистини и испревртување на нејзините постови и е нанесена штета на честа и угледот и заклучи дека нема прекршување на одредбите на Кодексот на ЗНМ.
Образложение:
Во посочените текстовите објавени на двата портала, всушност е пренесено соопштение на Општина Кочани и тоа не може да се смета за став на одреден новинар. Дополнително со соопштението на Општина Кочани е објавен и постот на Симонова, на кој реагирала општината. Подносителот на претставката можел да испрати демант и до колку не бил објавен, тогаш би имало прекршување на Кодексот и Уставот.
Претставката не е до крај уредна бидејќи нема име на новинар, автор на текстот, туку само се наведуваат сопствениците на порталите и во таков случај Советот на честа нема надлежност да постапува. Исто така, кога се поднесува претставка, подносителот треба да ги посочи деловите во текстот за кои смета дека се невистинити поради што му се нанесува штета на угледот и честа“, стои во соопштението на Советот на честа при Здружението на новинари на Македонија.