Зрновци: Започнува градежна офанзива за изградба, реконструкција и асфалтирање на улици во населените места во општината

Локалната самоуправа на Општина Зрновци започнува градежни активности за асфалтирање на нови улици, реконструкција, преасфалтирање  и проширување на постоечките улици со средства во висина од 6 милиони денари, обезбедени од сопствениот Буџет.

Станува збор за асфалтирање на над 1 700 метри улици во селата Зрновци, Мородвис и Видовиште како и уредување на 500 метри квадратни крстосници и паркинг простор во општината.

– Деновиве започнуваме со градежни активности и припрема за асфалтирање на четири улици во с. Зрновци и две улици во Мородвис со финансиска конструкција во висина од 3,3 милиони денари. Паралелно во тек е постапка за избор на најповолна фирма изведувач во висина од 2,7 милиони денари за реконструкција, проширување и асфалтирање на една улица во село Видовиште во должина од 450 метри и ширина 4 метри, изградба на нова улица во Видовиште во должина од 130 метри и ширина од 3,5 метри со 50 метри квадратни паркинг простор, како и  изградба и асфалтирање на нова улица во село Мородвис во должина од 100 метри и ширина од 3 метри – соопшти Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Од Локалната самоуправа на Општина Зрновци информираа дека краен рок за сите предвидени активности е почетокот на месец ноември 2022 год.

Сподели: