Зрновци: Свежо цвеќе и свечена седница на Советот на Општината во пресрет на Илинден

Во пресрет  на големиот македонски празник Илинден – Денот на Републиката, кога се одбележуваат  119 години од Крушевската република и 78 години од првото заседание на АСНОМ, Локалната самоуправа на Општина Зрновци со свечена седница на Советот на општината го започна одбележувањето на државниот празник Илинден.

На свечената седница во чест на Илинден присуствуваа поранешни и сегашни функционери и раководители на локалните институции во Зрновци, членови на Советот на општината и граѓани.

По повод празникот, делегација предводена од градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев, членови на Советот на Општината, борци од НОБ и граѓани положија свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОБ во паркот во Зрновци и на спомен – плочата на мостот „Капетан Синиша Стоилов“.

– Големиот македонски празник Илинден е празник на обединување на македонската нација и народ, национален празник преку кој се одбележуваат два занчајни датуми од македонската историја. 119 години од Крушевската република и 78 години од првото заседание на АСНОМ. Илинден е упориште на нашата самобитност и на нашето себепрепознавање, израз на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и своја татковина.  Нека е честит празникот Илинден – истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Во рамки на Илинденската програма во Зрновци се реализираше првата Илинденска крводарителска акција која се планира да прерасне во традиција како и традиционалниот турнир во мал фудбал – Илинденски спортски игри 2022 година.

Државниот празник Илинден е селска слава на с. Зрновци поради што се очекува за празникот Зрновци да биде посетен од голем број на гости од регионот.

И. Матеничарски

Сподели: