ЗСЛ – Кочани го одбележа 15 Октомври – Меѓународниот ден на Белиот стап-симболот на слепиот човек

Здружението на слепи и слабовидни лица – Кочани се вклучи во традиционалното одбележување на 15 Октомври, Меѓународниот ден на Белиот стап – симболот на слепиот човек.

На средбата со новинарите во просториите на Здружението на слепи и слабовидни лица во Кочани, членовите на здружението ја истакнаа важноста на Меѓународниот ден за слепите лица како можност да се слушнат нивните проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното живеење.

Здружение на слепи и слабовидни лица од Кочани е регионално здружение кое вклучува членови од осум општини од регионот.

По повод Меѓународниот ден на белиот стап, Националниот сојуз на слепи го истакнува значењето на ова незаменливо помагало за лицата со оштетен вид.

– Белиот стап не е само симбол за слепиот човек, туку и алатка која нему му овозможува независност, слобода и безбедност при движењето – се подвлекува во денешното соопштение.

Со правилна употреба, белиот стап обезбедува три клучни функции. Прво, се наведува во соопштението е заштитна функција, овозможува избегнување на пречки и обезбедува безбедност при движењето, потоа информирачка функција обезбедува тактилен и звучен фидбек од околината и идентификациска функција служи за препознавање на лицето со оштетен вид во општеството и на јавен простор.

– Овој ден е можност да се потсетиме на важноста на белиот стап како средство за подобрување на квалитетот на живот и интеграција на лицата со оштетен вид во општеството. Во таа насока, Националниот сојуз на слепи повикува на поддршка и разбирање од сите чинители во општеството, почнувајќи од највисоките институции па се до секој поединец, со цел да се овозможи еднаков пристап и подобра инклузија за сите лица со оштетен вид во државата – соопшти Националниот сојуз на слепи.

Сподели: