Кога ќе се разбудиме тоа утро можеби ќе почувствуваме дека е важен ден.
Политичарите се поклонуваат пред својот електорат и создаваат драматичност дека барем еднаш во четири години обичниот граѓанин-гласач има своја вредност. Може да бидеме резигнирани и рамнодушни, свесни дека елитите вака или така ни ја кројат судбината. За партиските активисти и агитатори возбудата е составен дел од изборниот фолклор, да се даде се од себе да победат „нашите“. Очекувања, поглед кон иднината, свесни за сите можни разочарувања кои следат, некои навидум незаинтересирани, но секако љубопитни, а други со желба да се напредува во кариерата (секако преку добропознатата клиентелистичка политичката матрица), да се казнат претходните, да се задржат позициите, или едноставно да се обезбеди гола егзистенција и враќање на редовните кредитни ануитети во банките. Можеби…
Мобилизаторскиот ефект на судбинската и историската димензија е позната, солидно дегустирана и сварена реторика. Блескави реклами пратени од џебот на граѓаните, ветувања за можното и невозможното, високи цели на помалку или повеќе познати демагози, разни авантуристи, популисти, или прагматичари. Но деновиве се поминува.
Кое е значењето на изборите?
Со екстрахирање на екстензивните драматизации изборите се едноставен чин на манифестирање на парламентарната демократија. Трансфер на легитимитетот и конституирање на политичката власт која треба да управува со ресурсите на државата, односно граѓанинот. Но да бидеме реални. Власта е реална моќ за влијание и контрола врз институциите, па дури и оние „независните“, власта е можност да се решат основните егзистенцијални проблеми, или во бројки, таа е 4 милијарди евра годишно. Средства од граѓаните, за граѓаните, кои лесно ги одомаќинуваат и третираат како политичка своина за тендерирања и привилегии.
Сепак овие избори се важни. Не поради далечната илузија наречена Европски иинтеграции, туку моментумот со кој се соочува целиот свет и Корона кризата. Драги мои сограѓани, не очекуваат тешки времиња. Политичка власт и институции кои ќе функционираат со својот полн капацитет, во најмала рака значат дека некој ќе биде одговорен за тешките одлуки кои претстојат. Или барем ќе имаме илузија така да си мислиме. Редот, поредокот и општото јавно добро вообличено во највисоката вредност на човековото здравје и живот се секако најважни.
Како да се однесуваме?
Разните агитатори, експерти обвиени со политички флерт и мимикрија повикуваат на гласање. Масовно како што доликува на демократијата во нормални околности. Но мораме да признаеме дека тоа не е случај во моментов. Ковид 19 си го направи своето и во услови кога здравјето е најважно, сосема легитимно е многумина да се претпазливи и да го избегнат гласањето. Дополнително, дури и да немавме ваква здравствена криза, политичката апатија кај Македонецот, по колективната Преспанска траума секако ќе предизвика апстиненција. Секој сомнеж, претпазливост, резигнираност, или отворен бојкот е легитимен. На крајот од денот и пасивноста е вкалкулирана во изборните математики и упатува јасна политичка порака. Затоа, бидете слободни во одлуката која ќе ја донесете.
Секој кој посакува да гласа тоа треба да го стори достоинствено, со почитување на сите мерки и препораки. Најважно е да имаме мирен изборен ден, фер и регуларни избори, не за меѓународните и други разноразни набљудувачи и слово испишано на различни извештаи, туку поради нас самите, нашите блиски, нашиот град, нашата Македонија.
Изборни предвидувања. Што треба да очекуваме?
Изборниот модел е скроен за „големите“. Со проектирана значителна апстиненција тие ќе ги остварат своите очекувања. Секако не секој во целост.
СДСМ и коалицијата која ја предводи очигледно со последните сондажи на јавното мислење е во блага предност. Но математиките дополнително ќе бидат стимулирани од проектираната политичка моќ врз институциите, политичката мимикрија, меѓународната макар и притаена поддршка и една равенка со неколку непознати детерминирана од контингентната испорака на „албански“ гласови. Самиот СДСМ и БЕСА како коалиционен партнер секако носат органски гласови на втората по големина етничка заедница, но секогаш може и треба да се смета и на дополнителни калкулации. Иако во Македонија доминира конзервативното македонско гласачко тело, а самата опозициска ВМРО ДПМНЕ има постабилно и побројни постојани поддржувачи, последните парламентарини избори покажаа дека изборната географија познава и други помалку легитимни, но легални фактори на мобилизација. Се надевам дека Ков. 19 нема да значи сомнителна регуларност и гласање на гинис. Како што се надевам на претходноспоменатото, реално постои можност за изборен поткуп, без разлика дали ќе биде завиткан во обландата на легално дозволеното или јасно манифестиран со кеширање.
ВМРО ДПМНЕ се уште делува хаотично. Чудна коалиција, во која има потенцијални пратеници за иден трансфер, навидум независни и коалициони партнери, докажани шетачи, „воени“ профитери во исчекување на своите 5 минути и носители на колективната стигма на соучесници во Преспанскиот етноцид. Веднаш ќе бидам прозван дека ова не им го припишав на владејачките гарнитури, но драги мои, јасно е дека играа на ваквата национална катаклизмична карта и мораме да признаеме дека тоа го направија со отворен гард. Квазиодмереноста и лажната дипломатичност на Мицковски е во најмала рака подеднакво морално коруптивна како и фатализмот на Заев. Разликата е во тоа што првиот си го припишува епитетот „патриотски“, претендирајќи на конзервативното гласачко тело, а тоа мора да признаеме прави голема разлика. Жал ми е, но ДПМНЕ треба да сфати дека целата „Преспанска генерација“ политичари ќе мора политички да ги пензионира за реално да претендира на власта. Некој им ветил, во ЕНП, некој ги тапка по рамо, но ова вреди само со поддршка на гласачите. Амандмански блокираа една изборна единица, сега со старата финта дека гласот за третите е пропаднат. Е не е така! Како што американските популисти и поддржувачи на Трамп најпрво се пресметуваа со републиканскиот естаблишмент, па потоа со демократите, така ДПМНЕ најпрвин треба да се соочи со своите фотељаши, метење и длабока дезинфекција на својот елитистички двор, па потоа Влада и власт. Должна почит за членството, по некој штабец и несомнениот интелектуален потенцијал кој партијата го поседува.
За оние кои гласаат опцијата неважечко ливче ќе биде присутна. Се надевам на овие избори во помал процент, затоа што каква таква трета понуда постои. Велам каква таква, затоа што постојат реални проблеми. Левица со изгубена идеологија, но прагматични се дечките. ДПМНЕ суптилно ги поддржува сметајќи дека ќе скинат од шарените гласови, но на големо две години тераат десен популизам. Да, најголем дел од гласовите ќе им бидат десни и десноцентристички. Во останатите десни мали партии има здрави ткива, со недоволно развиена инфраструктура и многу сомнителни, инфилтрирани од големите, или сами свои газди и трговци, безбедносни структури. Жално, но вистинито. Сепак третата опција, за која и да се одлучат граѓаните, кои несомнено доминантно припаѓаат на десното гласачко тело е подобар избор отколку утврдениот естаблишмент на големите. Вреди да се гласа за ИНТЕГРА или ГЛАС. Има и по некој отворен спотер, но зошто да не, ако тоа е вашиот избор. Ќе има разочарувања, но дури и со ваков изборен модел, дури и со минимални шанси за влез на некој од т.н. трет блок, верувајте дека вашиот глас ќе вреди и ќе испрати силна политичка порака, чиста совест, можеби не репрезентиран во законодавниот дом, но подобро отколку суштинска безгласност или проѕирна парламентарна театралност за исплата на патни трошоци.
ДУИ ветува Премиер. Можеби не напразно, можеби и нема да биде кандидатот кој го промовираат, но се шпекулира дека големите веќе направиле математики и од ваков тип уште во 2018. Кој знае? Ако ова се случи и официјално сме држава која ќе функционира по Лобански модел. Но во ДУИ и друго се крчка. Доколку не освојат мнозинство гласови во албанското гласачко тело, ќе бидат дел од Владата, во тоа не се сомневам, но потенцијалот цело крило на партијата да се абсорбира во СДСМ тогаш се чини реален. А тоа неминовно ќе води до политички пензионирања на дел од „командантите“, а можеби и нивна дисолуција. Се уште ова изгледа фантастично футуристичко предвидување, но да видиме.
ДПА се чини пропаѓа, но сепак, Алијанса е ДПА. Се сеќаваме како се конституираа. Името е декор, суштината еднаква. Мислам, дека што и да се случи нив ги очекува место во идната Влада. Прашањето е единствено во резултатот на ДУИ и нивната моќ да диктираат темпо.
Епилог
Горди Македонци, почитувани мои сограѓани, што и да одлучите правилно постапувате. Гласајте за својата преферирана партија, голема или мала. Сочувајте го своето здравје и на вашите најблиски или изнесете го својот гнев преку бојкот. Направете го ливчето неважечко. Сето ова е демократски чин, нека не ве залажуваат. Ова е ваше право. Единствено бидете достоинствени, да имаме мирен и регуларен изборен процес, затоа што тоа е наша заедничка демократска придобивка. Да ги пребродиме тешките денови кои надоаѓаат, да бидеме здрави и живи и најверојатно есента следната година, или можеби пролетта 2022, заедно со локалните повторно на парламентарни избори.
Страшко Стојановски
Штип, 10. 07. 2020