Избрани членовите на Локалниот младински Совет на Општина Кочани

Локалното Собрание на млади на Општина Кочани во вторникот  во Мултикултурниот центар одржа седница за избор на членови на Локалниот младински Совет.

Делегатите на  Собранието по пат на тајно гласање избираа пет претставници од 11-те пријавени  за членови  во Локалниот младински Совет . Делегатите ги одбраа Јани Михајлов од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јанев од  ЛК на СДММ – Кочани, Тина Соколовска од  „Еднакви за сите“, Јаким Јакимов од БК „Спартак“  и Иле Матеничарски од Црвен крст – Кочани.

Избраните претставници на Локалниот младински Совет доаѓаат од редовите на младински организации и политички подмладоци што работат  и делуваат во Кочани.

На седницата кандидатите за членови во младинскиот Совет пред присутните делегати на Собранието ја претставија својата организација и искуството во работата со млади и нивниот придонес во  младинскиот активизам на локално ниво.

Локалниот младински Совет е  младинско тело кои има советодавна и застапувачка улога за прашања од младински интерес кон локалната самоуправа.  Неговата задача ќе биде да обезбеди зајакнување на младинскиот активизам  во локалната средина, можност за развој на личниот и професионалниот живот на младите и реализација на идеи кои се од важен интерес за младите во општината. Локалниот младински Совет е замислено да биде партнер со локалната самоуправа во решавањето и реализацијата на идеи и проекти кои се од интерес на младите луѓе во Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: