Извидниците од „Ластовица“ на зимски камп на Пониква

Извидничкиот одред „Ластаовица“ од Кочани е организатор на традиционалниот зимски едукативен камп што се одржува на Пониква, а на кој учествуваат шеесетина извидници и четири старешини.

Освен запознавањето со основните извиднички вештини, учесниците имаат предавања за ориентација и движење во планина во зимски услови. Активностите на снег се реализираат во соработка со стручни лица од Сојузот на извидници на Македонија, а предвидена е и обука по прва помош од страна на активисти на општинскиот Црвен крст од Кочани.

– По седми пат сме организатори на зимскиот камп на Пониква, а интересот за учество беше голем, така што покрај постарите ни се придружија и нови извидници. Престојот одвде е исполнет со голем број активности поврзано со совладување на извидничките вештини. За учесниците на кампот организиравме и кратка обука по скијање со стручни обучувачи. Новиот снег што падна ни овозможува времето поминато на санки и скии да го продолжиме, на задоволство на децата, информираше Жаклина Стојчева Јорданова, претседателка на ИО „Ластовица“.

Зимскиот извиднички камп ќе трае четири дена и тој е дел од годишната програма за работа на извидничкиот одред. Учеството на кампот е можност за младите извидници што подобро да се подготват за учество на т.н хајкови што ќе се одржат на планинските предели во Македонија.

Сподели: