Симболично со засадување на 22 зимзелени садници дрвца, Извидничкиот одред „Ластовица“ – Кочани го одбележа 22 февруари, Светскиот ден на извидниците.
На еко-акцијата која се спроведе во близина на месноста Бавчалук, извиднците со засадувањето на садниците се вклучија во активноста за ревегетација на пошироката околина на излетничкото место.
– По повод 22 февруари, Светскиот ден на извидниците, ИО „Ластовица“ од Кочани традиционално со своите членови го одбележува денешниот ден. Годинава симболично засадуваме 22 дрвца по повод 22 февруари и ова е само почеток на една голема акција за пошумување која ќе ја реализираме годинава. Извидничкиот одред моментално брои 30 активни членови, инаку во него членуваат околу 200 извидници. Поради пандемијата со Ковид-19 сите активности се ограничени, но се надеваме дека годинава уловите ќе ни овозможат да организираме поголем број на активности, истакна Сашко Стефановски, координатор на ИО „Ластовица“ Кочани.
Садниците ги обезбеди Локалната самоуправа на Општина Кочани. На еко-акцијата за засадување на дрвцата извидниците ги поздрави и им го честита празникот градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов