Извиднички камп на одредот „Ластовица“ на Пониква

Во организација на Извидничкиот одред „Ластовица“ – Кочани, на спортско-рекреативниот центар Пониква се спроведува петдневен извиднички зимски тренинг камп.

На кампот што се реализира четврта година по ред, учествуаат триесетина млади лица, во категориите развигорци, извидници и истражувачи, пропратен со обуки од страна на извиднички старешини во различни дисциплини во зимски услови.

Целта на кампот е младите лица да стекнат вештини за ориентација и опасности на планина, во различни временски услови, на ниски температури, ветар, магла и слично. Освен теоретски предавања, учесниците на кампот следат и практична обука за извидничка сигнализација во зимски услови, врзување јазли, пронаоѓање скриени предмети, а учестувуваат и во квиз натпревар за унапредување на знаењата во извидништвото.

Снежната покривка што утрово се формираше на Осоговските Планини дополнително создаде услови за планираните задачи од обуката, пред сè за следење траги и укажување помош при спасување.

Петдневниот тренинг камп е дел од годинашната програма на активности на ИО „Ластовица“.

И. Матеничарски

Сподели: