Изгаснат шумскиот пожар кај Вранинци, изгореа 2 хектара нискостеблеста шума и три објекти

Екипи на Територијалната противпожарна единица – Кочани и Доброволното противпожарно друштво го ставија под контрола и целосно  ликвидираа шумскиот пожар што попладнево избувна во атарот на селото Вранинци, на Осоговските Планини.

Пожарот зафатил површина од 2 хектари нискостеблеста шума и три ненаселени објекти при што предизвикана е материјална штета. Брзата интервенција на надлежните служби спречила огнот да зафати поголеми површини што би предизвикало сериозен проблем и пожар од поголеми размери.

– Пожарот беше пријавен попладне, во 12 и 30 ч. ТППЕ – Кочани интервенираше со три возила и девет пожарникари и поддршка од шест доброволци од ДПД – Кочани. Пожарот успешно го ликвидиравме во 14 и 30 ч. Брзата интервенција спречи истиот да се прошири на поголема површина – истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Апостолов ја искористи приликата да апелира до населението за внимателно однесување при престој на отворен простор како и почитување на делумната забрана за движење во шуми која веќе две седмици е на сила.

Увид на местото на пожарот во моментот врши увидна екипа од Одделението за внатрешни работи – Кочани и надлежен инспектор заради утврдување на причините за шумскиот пожар.

И. Матеничарски

Фото: ДПД

Сподели: