Кочани викендов е домаќин на 6. издание на Меѓународниот Aircooled собир „Пониква 2022“ на љубители на автомобили од марката Фолксваген Буба.
На дводневниот „Буба“ собир учествуваат околу 30 – тина возила и возачи од Македонија, Словенија и Црна Гора. Тие престојуваат во камперска населба на Пониква, а денеска своите возила ги изложија на паркиралиштето во Трговскиот центар. Граѓаните имаа можност одблизу да се запознаат со олд-тајмерите и да ги видат на дефилето низ кочанските улици.
– Меѓународниот Aircooled собир на љубители на Фолксваген Буба, возила со воздушно ладење е традиционален настан кој по две години пауза поради пандемијата со Ковид – 19 се организира повторно, по 6-ти пат. На настанот имаме гости од цела држава и соседството. Учествуваат околу 30 –тина возила меѓу кои и првиот модел на „Буба“ од 1966 година. Настанот е од изложбен карактер и негова цел е дружба помеѓу љубителите на овие возила – истакна Александар Јовановски, организатор на настанот.
Јовановски со своето возило и самиот учествува на слични изложби кај нас и во регионот, а најавува дека со ваквите активности ќе продолжи и во иднина.
Излoжбата што по шести пат се одржа кај нас собра голем број посетители, посебно вљубеници во автомобилот што претставува своевиден статусен симбол на повеќе генерации возачи.
И. Матеничарски