Изложба на уметнички и естетски дела изработени од оризови остатоци

Во Фоајето 2 на Центарот за култура „Бели мугри“ е отворена изложбата на дела од проектот Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн-суровина во општина Кочани.

На изложбата се претставени уметнички и естетски продукти изработени со концентрирана тематика на оризовите остатоци и вилините коњчиња кои како жив свет постоеле и постојат покрај оризовите полиња.

– Целта на проектот е да ја подигнеме свеста и креативноста за искористување на отпадот од оризот како алтернативна суровина. Организиравме теоретски и практични работилници на кои, преку иновативна и еко-одржлива уметничка практика, покажавме што сè може да се направи од сламата, лушпата и оризовото брашно. Споделивме многу знаења со учениците кои во изминатите осум месеци создадоа уметнички дела, сувенири со мотиви од Кочани, украси во домаќинството, делови од мебел, како и модни креации и детали, истакна Викторија Митева, претседателка на здружението „Одоната“.

Делата како што се оризова хартија, маси, столчиња за деца, ламби, слики, сувенири со мотиви од Кочани се изработени од Здружението на граѓани „Одоната“ од Кочани и ученици од ОУ „Малина Попиванова“ и СОУ „Љупчо Сантов“.

Проектот Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн-суровина во општина Кочани на Здружението „Одоната“ од Кочани, во партнерство со Македонското модно здружение од Скопје се реализира во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја спроведуваат Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани.

Фото: А. Арсов

Сподели: