Во изложбениот салон при Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница денеска беше отворена самостојната изложба на дела на уметничката Александра Димитрова од Кочани.
На изложбата се поставени 27 дела од најновиот ликовен циклус на Димитрова насловен „Нова димензија на создавање 1“, работен во период на 2021 година .
Во актуелниот ликовен циклус станува збор за дела во кои бојата ја има главната улога во градењето на содржината на уметничките слики . Изложбата плени со својот колорит и уникатност. Сите дела се градени прецизно со автентичен замав на четката и шпаклата.
– Соработката со Домот на културата „Тошо Арсов“ – Виница продолжува и во иднина. Енергијата и колоритот се мои двигатели во ликовното творештво и духовно манифестирање преку сликарските платна, рече м-р Александра Димитрова.
Димитрова досега има реализирано девет самостојни изложби во Македонија, а има учествувано на поголем број на групни изложби на уметнички дела. Моментално работи како стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн при НУЦК „Бели Мугри“ во Кочани, и е актуелен професор во школата за цртање и сликање при Центарот за култура.
– Кај делата на Димитрова плени силината на потезот и ерупцијата на богатата ликовна фактура. Димитрова во своето ликовно творштво го негува апстрактниот израз, експресијата и богатиот колорит,што мене лично ме воодушеви. Јас би кажала дека изложбата плени со својот колорит и уникатност на потезите. Енергијата на уметникот се гледа и чувствува насекаде, истакна Благица Стојановска, директорка на „Тошо Арсов“.
Изложбата е достапна за љубителите на уметноста од денес, 13 декември па во наредните 2 седмици.
И. Матеничарски